На седница на хрватската Влада се водела расправа за воведување на еврото како официјална валута, меѓутоа, се уште нема најави за точен датум.

– Оваа недела е најдобар тајминг и важна порака за Хрватска за преземање обврска за воведување на еврото штом ќе бидат исполнети сите услови. Треба многу да се работи на едукација на јавноста на оваа тема. Ќе формираме и национален совет за воведување на еврото, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Според него, анализата ги опишува деталните трошоци од воведување на еврото и јасно утврдува дека ќе има трајна корист од таквиот потег, а трошоците ќе бидат еднократни и мали.

– Ќе се намалат каматните стапки, извозот ќе биде поконкурентен. Тоа ќе придонесе за зголемување на вработеноста, инвестициите и економските активности воопшто. Според мене, Хрватска е подготвена да го започне процесот за воведува на еврото, истакна Пленковиќ.

Хрватската вицепремиерка Мартина Далиќ изјави дека земјата е многу добар кандидат за преземање на еврото. Осумдесет отсто од заштедите на граѓаните се во евра, а кога станува збор за трошоците, поради воведување на еврото би можело да дојде до раст на цените.