Границата се поминува речиси еднакво лесно како и пред корона-кризата, освен што на преминот од српска страна сега се поприсутни полицајците, но не како некаква пречка или закана, туку пред сѐ во советодавна функција, да упатат во новите правила на однесување, кои се всушност исти и на едната и на другата страна од границата. Во секој случај, трансграничните раздвижувања во регионов се последица на потребата на граѓаните за соработка, трговија, услуги, па и размена на идеи…

Граѓаните од соседните држави си го наоѓаат патот за прекугранична соработка

Пандемијата на коронавирусот не само што комплетно ни го промени животот во однос на целосна промена на нашите животни навики во поглед на хигиената, физичкото растојание од луѓето околу нас и сѐ што препорачуваат лекарите, туку во одредени региони се случуваат работи што се чинеа по малку подзаборавени или, пак, до вчера и незамисливи. Така, српските и хрватските медиуми деновиве на големо ја опишуваат актуелната појава – масовното преминување на границата од страна на Хрватите заради шопинг во Србија. Ова особено се однесува за Славонците, кои живеат најблиску до српската граница и на кои ова им стана речиси секојдневна навика, нешто слично како на грчките државјани што редовно доаѓаа во Гевгелија и во Битола да пазарат, но и да си ги завршат другите потреби, како што се посета на стоматолог, фризер, козметичар или, пак, добро да се нагостат во тамошните угостителски објекти.

Ваквата појава стана актуелна веднаш по отворањето на српската граница, кога Хрватите повторно тргнаа во шопинг во соседната земја, враќајќи се на старите навики, од пред 12 март, кога беа спуштени рампите на државните граници. Според медиумите, најмногу се купуваат цигари и лекови, но и пиво и други домашни потреби.
Обновената комуникација дополнително ја олеснува фактот дека границата се минува само со покажување лична карта, без тест за ковид-19 и без заминување во 14-дневна изолација. Целата процедура на минување на границата не трае повеќе од 15 минути, затоа што сѐ уште нема големи турканици и метеж.

За ваквата појава побаравме изјава од д-р Дики Милојовиќ од Осиек, кој има македонско потекло и е наш чест соговорник на најразлични теми, а во случајов е во центарот на случувањата.
– Точно е дека оваа појава зема сѐ поголем замав. Интересно е дека границата се поминува речиси еднакво лесно како и пред корона-кризата, освен што на преминот од српска страна сега се поприсутни полицајците, но не како некаква пречка или закана, туку пред сѐ во советодавна функција, да нѐ упатат во новите правила на однесување, кои се всушност исти како и кај нас, но тоа е нивна должност. Граѓаните се навикнаа веќе на носењето заштитни маски, така што и тоа им е познато. Што се однесува до купувањето, сѐ е исто како и порано.

Иако сум непушач, знам дека моите пријатели и колеги најмногу купуваат цигари, кои кај нас се за третина поскапи. Но знам дека посетуваат и аптеки во кои некои лекови се поевтини. При враќањето во Хрватска смее да се пренесе само една штека цигари, но кога на тоа ќе се додадат и другите производи, се добива солидна заштеда – ни објаснува д-р Милојовиќ.
Но затоа, пак, тие најчесто, покрај цигари и лекови, купуваат алкохол и прехранбени производи, иако тука постојат одредени ограничувања. Според царинските прописи, во Хрватска може да се внесе само еден литар жесток пијалак и 16 литри пиво, а хрватските граѓани не смеат да пренесат преку граница свежо месо, сувомесни производи и храна за домашни животни.

Нашиот соговорник ни ги потврдува пишувањата на медиумите од двете страни на границата дека најпосетувана дестинација за Хрватите е Богоево, место оддалечено само 40 километри од Осиек, што значи дека тие на гориво ќе потрошат околу 50 куни (една куна вреди околу 7,8 македонски денари – н.з.).
– Ако се земе дека само на една штека цигари се заштедува по 100 куни, тогаш е уште појасно дека навистина може добро да се заштеди со една сериозна набавка на производи што и онака секојдневно се купуваат. Исто така, за 100 куни може да се купат четири големи пакувања кафе, што е многу поевтино отколку дома – додава д-р Милојовиќ.

Граѓаните на Осиек на шега велат дека со одењето во Србија не само што заштедуваат по 300-400 куни со едно преминување на границата, дури и го помагаат своето домашно стопанство, затоа што главно купуваат хрватски производи.