ХДЗ за БиХ предизвикува непотребни тензии, Жељко Комшиќ

Новоизбраниот хрватски член на Претседателството, Жељко Комшиќ, изјави дека очекува рационална соработка со претставниците на српскиот и на бошњачкиот народ во БиХ

Десетина илјади Хрвати учествувале на завчерашниот протест во Мостар против изборот на Жељко Комшиќ за хрватски член на Претседателството на Босна и Херцеговина, кој беше избран со гласовите на Бошњаците. Протестите беа организирани по повик од неформална група на Фејсбук „РИП за демократијата во БиХ“, а од нив беше порачано дека соживотот во земјата не може да се гради со негирање на политичката волја на Хрватите, а беше побарано да се направат измени во изборните закони. Колоната протестанти својот пат го завршија пред канцелариите на поранешниот член на Претседателството на БиХ, Драган Човиќ, каде што беа запалени свеќи, како симболичен чин за „газењето на човековите права на Хрватите“.

Комшиќ, кој има хрватски корени, важи за пробошњачки политичар и тој по победата на изборите изјави дека ќе ја затвори оваа канцеларија, со ветување дека ќе им ја предаде на користење на студентите на универзитетот, на кој наставата се одвива на хрватски јазик. Но студентите го прогласија за „непожелна личност“, а истото тоа го најавија и неколкуте општини каде што има мнозинство хрватско население. Хрватските партии и многубројни здруженија не го поддржуваат изборот на Комшиќ, затоа што сметаат дека тој е избран третпат, спротивно на волјата на Хрватите и, пред сѐ, со гласовите на бошњачките граѓани, кои се повеќебројни во Федерацијата на БиХ. Според податоците на изборната комисија, во четирите речиси чисти хрватски општини во западнохерцеговската жупанија, Комшиќ добил 160 гласа или 0,66 отсто, а за противкандидатот Човиќ од ХДЗ за БиХ гласале околу 30.000 Хрвати, пишува Индекс.

Конституирањето на новиот состав на Претседателството дефинитивно ќе придонесе за силно свртување во надворешната политика на БиХ. Се проценува дека најмалку 30 амбасадори би можело да бидат повлечени откако Жељко Комшиќ и Милорад Додик ќе ја преземат должноста како членови на колективниот шеф на државата. Тоа ќе значи целосно отстапување од политиката што претходните четири години ја водеше Драган Човиќ, пишува порталот „Кликс“.

Поранешниот хрватски член во Претседателството на БиХ именуваше 13 амбасадори, а повеќето од нив отворено ја спроведуваа политиката на ХДЗ за БиХ. Тешко е да се очекува дека Комшиќ ќе ја задржи амбасадорката во Загреб, која е поранешна соработничка во кабинетот на Човиќ. Неизвесна е судбината и на амбасадорите во Брисел, во седиштето на ОН во Женева, Унгарија и во други дипломатски центри во светот.

Новоизбраниот хрватски член на Претседателството изјави дека очекува рационална соработка со претставниците на српскиот и на бошњачкиот народ во БиХ.

– Сите имаме исти интереси оваа институција да функционира. Можеби причините не се исти, но начинот на работата на ова институција нѐ упатува на заедничка соработка. Сакам овој мандат да го почнеме мирно, без конфликти и кавги – изјави Комшиќ за ТВ1.

За протестите во Мостар против неговиот избор Комшиќ рече дека тоа е легитимен начин на изразување на волјата на граѓаните, но забележа дека изборите завршија, гласовите се изброени, а ХДЗ за БиХ мора да го прифати фактот дека Драган Човиќ, повеќе не е член на Претседателството.

– Без причини се создава тензија и не знам што сакаат да постигнат во ХДЗ. Ако ова е еден вид притисок пред формирањето на новата власт, тоа е бесмислено. Можеби целта е да се раскараат луѓето повеќе – рече Комшиќ.