По влезот на Хрватска во Европската Унија продолжи трендот на иселување на граѓаните од оваа балканска држава. Градот Загреб и Истарската жупанија се единствените области во Хрватска во кои бројот на жители е зголемен во изминатата деценија, додека сите други жупании изгубиле повеќе од 200.000 жители, објави „Вечерњи лист“.
За десет години како да е изгубен град со големина на Сплит или целата Истарска жупанија.
Истра има мал пораст од 1.000 жители, додека градот Загреб го зголеми своето население за околу 17.000 и сега има 807.000 жители, покажуваат податоците на Централното биро за статистика (ЦБС).
ЦБС проценува дека Загреб ја надминал бројката од 800.000 жители во 2016 година и оттогаш бавно расте благодарение на фактот дека тој е најсилниот економски центар во државата.
Сисачко-мославачката жупанија изгубила 27.000 жители, Осиечко-барањската – 33.000, Приморско-горанската – 12.000, а близу до нула, со дефицит од околу 900 луѓе, е единствено туристички просперитетната Дубровничко-неретванска жупанија.