По најновото поскапување на горивото во Хрватска, жителите на Славонија и на Далмација повторно масовно заминуваат во соседната Босна и Херцеговина да ги наполнат резервоарите на возилата со поевтин бензин. Разликата во цени на горивата во двете земји е највисока досега. За еден литар супер 95 во БиХ се плаќа 1,82 конвертибилна марка или 6,2 куни, по девизен курс од 3,75 куни за една марка. На сите бензински пумпи се примаат и куни, но за плаќање во готово трговците пресметуваат по неповолен курс од 1:4. За истото гориво на хрватските бензински пумпи се плаќа над 10 куни за литар, што претставува разлика во цени од три куни за еден литар. За еден полн резервоар од 40 литри наполнет на бензинските во Босански Брод, заштедата за хрватските граѓани достигнува до 120 куни.

Поради поскапувањето на кафето и цигарите поради зголемувањето на ДДВ-то може да се очекува сѐ поголем малограничен промет меѓу пограничните региони.
– Доаѓам двапати месечно. Секако дека се исплати, за патот до БиХ трошам еден литар гориво, и со толкава разлика во цени месечно заштедувам околу 200 куни – вели Здравко, кој го полни резервоарот на возилото на пумпата на магистралниот пат Босански Брод – Дервента.

Дополнителни 16 куни се заштедуваат ако горивото се полни по 22 часот, кога купувачите можат да го користат автоматот за самоуслуга. Цените на горивата во овој термин тогаш се намалуваат за дополнителни десет фенинзи (околу 40 липи) за еден литар. Вкупната заштеда достигнува 135 куни. Помала разлика во цените има кај дизелот, кој на левата страна на Сава чини 8,90 куни, а на страната на БиХ 1,80 (6,75 куни).

– Последните поскапување ги надминува нашите можности. Се исплати да се патува до БиХ. Освен горивото, поевтини се и пијачките во рестораните, кои во Босански Брод се речиси за половина поевтини од оние во Хрватска. Купуваме и цигари, „вегета“ и некои други производи за домаќинството – вели Весна од Славонски Брод.