Гувернерот на Хрватската народна банка апелира до граѓаните дека секој треба да биде свесен при задолжувањето на долг рок во големи износи

Гувернерот на Народната банка на Хрватска предупреди на големиот пораст на ненаменски готовински кредити во текот на предновогодишните празници, кои граѓаните ги земаат без контрола, а банките ги одобруваат лесно. Каматите никогаш не биле пониски, а кредитите до шеесетина илјади куни може да се добијат и без да се појави позајмувачот во некоја од банкарските филијали. Последиците од ваквата кредитна либерализација може да се почувствуваат кога граѓаните за неколку години ќе нема повеќе од каде да позајмуваат и од каде да ги враќаат потрошените заеми, пишува „Дневник“.

Во минатата година само една австриска банка одобрила 3,7 милијарди куни за готовински кредити. Три од четири одобрени барања биле за ненаменски потреби. Оваа експанзија на кредитирањето на населението го загрижи гувернерот на НБХ, додека банките воопшто не се вознемирени од задолжувањето на граѓаните.

– Поволните макроекономски трендови, економското заздравување, ниското ниво на каматните стапки, сето тоа влијае на порастот на кредитирањето на граѓаните. Иако готовинските кредити растат со стапка од 27 отсто во 2018 година, просечниот износ на готовинското кредитирање всушност е намален од 61 илјада куни на 52 илјади – вели Дарио Габриќ од Ерсте банка.

Финансиските советници, кои работат директно со граѓаните, велат дека овој раст не е затоа што луѓето се задолжуваат за да трошат на луксуз, со пари што сѐ уште не ги заработиле.

– Граѓаните не се толку внимателни и земаат кредити. Во овој број на нови кредити се крие еден број од оние што ги рефинансирале своите стари кредити под многу поповолни услови. Нема причина за загриженост – вели финансискиот советник Вјеко Перетиќ.

Сепак, во Здружението за финансиска писменост предупредуваат дека граѓаните, кои се недоволно информирани, треба двапати да размислат за земањето кредити.

– Треба да проценат дали ќе можат да ги враќаат заемите во следните години, за да не станат презадолжени. Доколку, речиси, две третини од граѓаните останат без редовната плата не би можеле да ги намируваат своите основни трошоци ни три месеци, а за кредитите и да не зборуваме – вели Марина Ралашиќ, претседателка на здружението „Штедопис“.

Зошто во Хрватската народна банка се згрижени за растот на пласманите во готовински кредити одговор дава Љубинко Јанков, извршен директор на Секторот за истражување, кој за дневникот на ТВ Нова, вели дека станува збор за кредити со повисока каматна стапка и се однесуваат на релативно високи износи до 50 илјади евра. Тоа се кредити што се одобруваат на десетина години и кои се релативно помалку осигурени од другите кредити.

– Секој треба да биде свесен при задолжувањето на долг рок во големи износи и треба да се води сметка за тоа дека работите можат да тргнат во несакан правец – појаснува Јанков.

Во текот на последните години, во Хрватска има исклучителна експанзивна монетарна политика, што значи дека има многу слободни парични средства. Креирањето дополнителен кредитен потенцијал не го прави само ХНБ туку и европската Централна банка, а дел од тие средства се прелева и во Хрватска. Засега, од домашната централна банка нагласуваат дека нема системски ризик или ризик за банкарскиот систем и таа е подготвена да реагира ако се случат некои финансиски потреси на кредитниот пазар.