Износот за извршување на овие судски трошоци ќе падне на товар на фирмите од Србија што порано имале имот во Хрватска

Српските фирми што ги изгубиле споровите за својот имот во Хрватска добиваат известувања за наплата на астрономски суми како надомест за високите судски трошоци за постапките што се воделе пред хрватските судови. Како што пишува „Вечерњи новости“, Хрватска, која неовластено го присвоила имотот на српските фирми, почнала постапки за присилна наплата, и тоа пред судовите во Србија.
Вакви известувања стигнале и против Југобанка, која во Хрватска води најмалку 20 спора, а сега постапката се продолжува и пред Стопанскиот суд во Белград. Домашните фирми побарале мислење од српското министерство за правда за тоа дали двете земји имаат склучено договор за заемна правна помош во граѓанските и кривичните предмети. Од Министерството било издадено позитивно мислење, кое се темели на претходно потпишаната спогодба од 1997 година, така што не постои никаква пречка за признавање на судските одлуки од Хрватска. Износот за извршување на овие судски трошоци што ќе паднат на товар на фирмите од Србија се движи од три до неколку десетици илјади евра.

Српските фирми и банки, по искористување на сите правни средства во судовите во Загреб, Сплит и Риека, не се откажуваат од поднесување претставки пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Од овој суд биле одбиени две апликации од Србија, а едната е на Ивестбанка. Неодамна таква пријава била поднесена и од Југобанка.
– Правното насилство што Република Хрватска го спроведе над имотот на фирмите и банките од Србија е спроведено на перфиден и суптилен начин. Особено изненадува неподготвеноста на Европскиот суд да го препознае ова насилство и за него да се изјасни на каков било начин. Наспроти ова, во пилот-одлуката на барањето за правна заштита се упатува на неизвесниот факт за склучувањето на билатералната спогодба меѓу Србија и Хрватска – вели адвокатот Иван Симиќ.
Со ваквата одлука на Европскиот суд произлегува правото на сопственост како неприкосновено право и цивилизациско наследство да зависи од волјата на една држава, додава тој.
– Тоа што останало во рамките на правото веќе е изместено на теренот на политиката. Тоа ги загрижува секој правник и учесник во правниот живот, затоа што правото и правната држава не смеат да имаат алтернатива во вид на политички договор – објаснува Симиќ.

Освен тоа што одбиваат да им се врати имотот на српските банки, Хрватите се обидуваат на им се признаат и побарувањата во стечајната маса за износот на исплатата на старата девизна заштеда. Ова е спротивно на договорот за сукцесија, според кој сите поранешни југословенски држави биле обврзани да им ја исплатат старата девизна заштеда на штедачите на својата територија, пишува „Вечерње новости“.