Министерката за евроинтеграции на Косово Дурата Хоџа изјави дека доколку не се обезбеди потребното мнозинство гласови „за“ визна либерализација за Косово во Советот на министри на Европската унија, тогаш гласањето, кое беше предвидено да се одржи на почетокот на декември, можно е да се одложи се додека не се обезбеди позитивен став од мнозинството, јави дописникот на МИА од Приштина.

Хоџа досега неколку пати има изјавено дека граѓаните на Косово до крајот на годинава ќе патуваат без визи во ЕУ, но како што наближува 2019-та и таа почна да ги менува изјавите, пишува денеска „Зери“.

– Доколку нема мнозинство при гласањето за визна либерализација во Советот на министри, одлуката за гласање се одлага додека не се обезбеди позитивен став од мнозинството членови на Советот. Процедурите не се враќаат назад и сметам дека пример на враќање назад на процесот досега немало, така што тоа нема да се случи ниту во нашиот случај, изјави Хоџа за приштинскиот весник.