Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, денеска изјави дека меѓусебното признавање е единствената тема на кој било состанок што го имал и ќе го има со претставниците на Србија.

Хоти посочи дека само меѓусебното признавање ги нормализира односите меѓу Косово и Србија, како и дека тоа ќе ги смири Балканот и Европа.

– На кој било состанок што го имав и ќе го имам со претставниците на Србија, заемното признавање е единствената тема. Сè што се разговара со нив е во функција на постигнување договор за заемно признавање, без загрозување на територијалниот интегритет или унитарниот карактер на Косово – напиша Хоти на Фејсбук.

Според него, Косово останува посветено на дијалогот, бидејќи е, како што вели, европска земја со јасна евроатлантска ориентација.

– Со оглед на оваа целосна јасност на процесот, нема да се двоумам да се вклучам во дијалог – рече Хоти, повторувајќи ја поканата до политичките партии на Косово да се приклучат на процесот.

Претставниците на Косово и Србија ќе се состанат на 4 септември во Белата куќа.