Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, објави дека поради ситуацијата предизвикана од обвинението на Специјалното обвинителство против претседателот на Косово, Хашим Тачи, не може да присуствува на состанокот на 27 јуни во Белата куќа, каде требаше да разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

– Поради новите случувања во Приштина по обвинението предложено од Специјалното обвинителство, морам да се вратам во мојата земја за да се справам со ситуацијата. Го известив амбасадорот Гренел дека не можам да присуствувам на состанокот на 27 јуни во Белата куќа – објави косовскиот премиер.

Косовскиот претседател и претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели, и други лица, се обвинети за воени злосторства за време на конфликтот во Косово, а „потписот“ на предлог обвинението го ставил Американец.

Патувањето во Вашингтон прв го откажа Тачи. Американскиот претставник за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, тогаш рече дека Вучиќ и Хоти ќе се сретнат во Вашингтон.

Предлог-обвинението за воени злосторства против поранешниот политички лидер на ОВК, Хашим Тачи и неговиот началник на тајната полиција, Кадри Весели, сериозно ја разниша политичката сцена во Косово.