Поради застојот на изградбата на станови во Љубљана, цената за стари станови надминува 3.000 евра за квадратен метар

Дури 70 отсто од недвижностите во Словенија се купуваат со одобрување ризични хипотекарни кредити

Цените на недвижностите во Словенија во последниот квартал минатата година, во споредба со последниот квартал од 2017-та, пораснале за 15,1 отсто. Експертите предупредуваат на „прегревање“ на пазарот на недвижности, а централната банка посочи на проблематичниот модел на одржливост на станбените кредити што ги одобруваат комерцијалните банки, пишува „Пословни дневник“.

Цените за становите во Словенија, кои ги објави Европската статистичка агенција (Еустат), бележат највисоко ниво на пораст на цените на недвижностите во ЕУ. Според податоците на домашните агенции за промет на недвижности, се забележува и пораст на цените од почетокот на 2019 година, пренесуваат словенечките медиуми.

Дури 70 отсто од недвижностите во Словенија се купуваат со одобрување ризични хипотекарни кредити, соопштуваат од Централната банка на Словенија. Нивните препораки се однесуваат на тоа дека хипотекарниот залог во структурата на кредитот би требало да изнесува најмногу до 80 отсто, а другиот дел да биде од заштедени средства на барателот на кредит.

Во состојба кога пазарот се прегрева, доаѓа до опасност за создавање балон поради напумпаните цени, што претставува сериозна опасност за купувачите на недвижности за навремено сервисирање на кредитите. Од Централната банка на Словенија предупредуваат дека на пазарот се случува дебаланс на пазарот на недвижности, особено кога станува збор за продажбата на станови во Љубљана, Копар и другите туристички центри во Словенија. Затоа беше упатен апел до граѓаните и инвеститорите да бидат претпазливи при задолжувањето, а банките да водат сметка за кредитната способност на поединците.

– Поради моменталниот застој на изградба на станови во Љубљана, цената за стари станови надминува 3.000 евра за квадратен метар, додека на елитните локации оваа сума е многу повисока. Користен стан без гаража, со површина од 60 квадратни метри, на атрактивна локација во Љубљана беше продаден за 260 илјади евра – вели Зоран Ѓукиќ од агенцијата за недвижности „Стоја трејд“.

Според неговите зборови, стабилизација на пазарот на недвижности во Љубљана и пад на цените на становите може да се очекува во 2020 година, бидејќи недостигот од станови сѐ уште е изразен, а некои поголеми станбени комплекси чекаат на доизградба. Се очекува цената на становите на добрите локации во градот и околината да се стабилизира на околу 3.000 евра за квадрат. Секоја станбена единица над оваа цена тешко ќе се продава. Главен проблем во Љубљана е недостигот од станови од средна категорија, кои би се продавале за цена од 2.500 до 2.600 евра за квадратен метар, велат во агенциите за недвижности.