Предвремените избори како спас од внатрепартиски пораз, Андреј Пленковиќ

Хрватска

Во врвот на партијата се разгледуваат различни сценарија за идните настапи по неуспехот на европските избори

Веројатноста за одржување предвремени избори во Хрватска во октомври се 50:50, изјави Даринко Косор, претседател на ХСЛС, партија која е дел од владејачката коалиција предводена од ХДЗ. Тој на гостувањето на телевизија X1, објасни дека состојбата во земјата не е добра, а предвремените избори се реална можност, затоа на актуелниот претседател на ХДЗ и премиер Андреј Пленковиќ, му остануваат две опции.
– Едната е да оди на предвремени парламентарни избори и со тоа да ги избегне резултатите од претстојните претседателски избори. Втората е да ги почека претседателските избори, на кои кандидатот на ХДЗ би изгубил и да оди на внатрепартиски избори и тогаш пак да изгуби – изјави Косор.

Според неговите анализи, гласачите и членовите на ХДЗ поинаку би реагирале на евентуалните предвремени избори, за разлика од неодамнешните европски избори кога ХДЗ доби само 22,72 отсто од гласовите, што е најслаб резултат на оваа партија на сите претходни избори. Со ова покажаа дека ХДЗ гласаат променливо. На изборите за градоначалник на Загреб гласаа за „независниот“ Милан Бандиќ, а на државно ниво тие се верни на својата партија. На изборите за Европскиот парламент, дел од членството на ХДЗ остана дома со намера да испрати порака до раководството на партијата дека не се задоволни од политиката која се спроведува, со тоа што се приближуваат кон центарот.

– Но кога се изборите на кои се одлучува за нивните функции, тие најверојатно во најголем број повторно ќе гласаат за ХДЗ. Тоа е повеќе пати видено – вели Косор.
Во врвот на партијата се разгледуваат различни сценарија за идните настапи по неуспехот на европските избори. Една од нив е и опцијата за предвремени избори до крајот на годината. Раководството на ХДЗ на чело со Пленковиќ наскоро ќе мора да се соочи со одлуката за својот кандидат за претседателските избори, што ќе се одржат до крајот на годината. Актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ сѐ уште не се изјаснила дали ќе се натпреварува за втор мандат. Неофицијалните коментари дека таа би се откажала од кандидатурата, би го ставило ХДЗ во голем проблем кој да биде нивен претседателски кандидат. Доколку учествува, нема да ѝ биде лесно да победи, затоа што десницата на европските избори добила малку над десет отсто од гласовите. Тоа им дава можност на другите кандидати од партијата, а во анкетата нарачана од ХРТ, неочекувано се јави и името на пејачот Мирослав Шкоро (!), пишува во анализата на „Нови лист“.

Поразот на Грабар-Китаровиќ на претседателските избори ќе предизвика и политичка штета за хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ. Него го чекаат внатрепартиски избори наредната пролет, и во случај на неповолни резултати на претседателските избори, тој би влегол мошне ослабен и ќе биде доведена во прашање неговата стратегија да постави свои луѓе во раководството на ХДЗ. Сосема е извесен конечниот судир меѓу Пленковиќ и заменик-претседателот на ХДЗ, Милијан Бркиќ. Следното нивно соочување се најавува за седницата на претседателството на ХДЗ и на Националниот совет, но се чини дека засега ниеден од нив нема да ги отвори картите, се коментарите на дел од пратениците на ХДЗ.