Косовскиот претседател Хашим Тачи денеска почна состаноци кои ги бараа претставници на политичките партии со цел да се договорат чекори кои треба да се преземат по оставката на премиерот Рамуш Харадинај, јави „Танјуг“.

Тачи се сретнал со претставници на КДТП и ВАКАТ од пратеничката група 6+, со министерот Махир Иагцилар и со двајца пратеници со кои разговарал за политичките движења по оставката на Харадинај.

Како што е соопштено, Тачи изјавил оти се потребни конкретни чекори во согласност со Уставот и законите на Kосовo со цел што побрзо да се воспостави функционална и ефикасна влада.

– Оваа влада треба да ја одразува волјата на политичките партии за новите решенија за влада или за новиот изборен процес, за да се овозможи Косово што побрзо да добие влада – се наведува во соопштението.

Тачи наредните денови ќе се состане и со претставници на други политички партии, а утре ќе разговара и со претседателот на централната изборна комисија за понатамошни чекори, информира „Газета експрес“.