Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по денешната средба во Приштина со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, изјави дека таксата од 100 отсто за увоз на производи од Србија и Босна и Херцеговина нема да се укине, сè додека тие две земји не ја признаат независноста на Косово.

Харадинај рече дека тоа не значи дека косовските власти нема да работат на постигнување договор за нормализација на односите со Србија.

– Ќе ја почитуваме одлуката на Владата и оваа мерка може да се укине кога Косово ќе биде признато од Србија и БиХ. Ние и сега ќе продолжиме да работиме на постигнување сеопфатен договор, за долговите, исчезнатите во војната, за правата на српската заедница во Косово и за многу други теми, а една од нив ќе биде и слободната трговија меѓу Косово и Србија – изјави Харадинај.

Тој нагласи дека гарантира оти областите каде што живеат Србите во земјата нема да имаат никакви проблеми со снабдување со животни намирници, дека за болниците и амбулантите во тие региони ќе бидат обезбедени сите лекови и сè друго што им е потребно и дека таксата не е насочена против граѓаните од српска националност во Косово.

Косовскиот премиер изјави дека му рекол на еврокомесарот Хан дека Приштина беше принудена да ја воведе таксата поради дестриктивниот однос на Белград кон Косово.

Тој му изразил на Хан уверување дека неговата Влада останува посветена на патот на европските интеграции, на приоритетите во владеењето на правото и на другите приоритети кои произлегуваат од Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Косово и ЕУ.

На средбата со Хан, Харадинај нагласил дека Косово ги исполнило критериумите поставени од Брисел и побарал визна либерализација за косовските граѓани. Меѓутоа, како што рече, од Хан не добил гаранција дека ЕУ ќе го разгледува тоа прашање до крајот на годинава и во наредните три месеци, кога треба да се одржи следната седница на Советот на министри на ЕУ.

Хан денеска престојуваше во Приштина на разговори со косовскиот врв во врска со таксата што Владата на Харадинај ја воведе за увозот на производи од Србија и БиХ.

Хан во Приштина допатува од Белград, каде што претходно денеска, на истата тема, имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.