Косовскиот премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај, изјави дека би прифатил помирување со Србија во замена за меѓусебно признавање, но тоа не знaчи дека ќе се заборават српските злосторства врз косовските Албанци.

Говорејќи на изборното собрание на ААК во Сува Река, Харадинај рече дека помирувањето значи „да се помине преку исчезнатите, силуваните и убиените“, но не и да се заборават и да се прости за нив.

– Признавање. Што може да даде Косово за да се постигне тој договор? Едно помирување, зашто друго немаме што да дадеме. Помирувањето не е малку, тоа значи да се помине преку нашата болка, преку исчезнатите, убиените, разорот, сексуалното насилство, уништеното и ограбено стопанство. А кога ние ќе се помириме, ќе дадеме многу, многу повеќе одошто би можел некој да даде – рече Харадинај.

Тој нагласи дека не мисли дека треба да се заборави, но дека веројатно некогаш може да се дојде до помирување.

– Не велам да се заборави, тоа нема да го сториме никогаш, но ние можеме да се помириме некогаш, за признавање. Да ли е ова годината кога треба да се стори тоа? Не би избрзувал да го речам тоа, но ние ја имаме побарано помошта од нашите пријатели и ви кажувам дека кога Косово застанува зад Америка, тоа го прави заради сопствен интерес – рече Харадинај.

На партиската конвенција во Сува Река, косовскиот премиер изрази уверување дека годинава земјата ќе се зачлени во Интерпол и нагласи дека „секоја земја која го попречува Косово во овој процес, го помага меѓународниот организиран криминал“.