Косовскиот премиер Рамуш Харадинај најави дека утре ќе ги коментира оставките што денеска ги поднесоа градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население во северно Косово, затоа што, како што рече, денеска е „зафатен со други задачи“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Оваа изјава Харадинај ја даде по денешната комеморативна седница по повод ексхумацијата во Приштина на двајца од основачите и водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Илир Конушевци и Хазир Маљај, што се организира под негово покровителство.

– Утре ќе се произнесам за тоа прашање, денеска имам други задачи, одговори косовскиот премиер на барањето на новинарите да ги коментира оставките на градоначалниците Срби.

Градоначалниците на Северна Митровица, Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ денеска поднесоа оставки и најавија прекин на сите врски на институциите во северно Косово со централните власти во Приштина. Одлуката, како што изјави градоначалникот на Северна Митровица на тамошниот протестен митинг, ќе остане во сила се до повлекувањето на мерката на Владата на Харадинај за воведување 100 отсто такси на производите кои се увезуваат од Србија и Босна и Херцеговина.

Лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово и поранешен премиер Иса Мустафа, порача дека по повод новонастанатата ситуација мора итно да се свикаат седници на Владата и Собранието на Косово, затоа што, како што напиша на Фејсбук, „се гледа јасно кон што водат овие дејствија“.

На оставките на градоначалниците реагираше и претседателот на Собранието, Кадри Весели, кој рече дека тие се избрзани и ги повика граѓаните на северот од земјата на воздржаност и мирно реагирање на настанатата ситуација. Весели порача дека „Косово ќе продолжи да вложува максимални напори за подобрување на соживотот во земјата и за консолидирање на стабилноста и добрососедството во регионот“.