Границите на Косово не треба да се чепкаат,поставени се како резултат на војните, порача косовскиот премиер Рамуш Харадинај, од албанскиот приморски град Валона,повторувајќи го својот став против идејата за менување на границите на Косово и размена на територии.

 Кусо по прес конференцијата на косовскиот претседател Хашим Тачи одржана во Приштина, околу ова прашање, Харадинај, отсечно му порача дека „нема менување на границите“ и оти отворањето на темата за границите е неприфатливо за него.

– Границите не треба да се чепкаат, тие се одредени како резултат на војни. За  балканските народи,за жал, војните биле трагични. Денешната реалност е целосно резултат од тие војни. Ние треба да ги консолидираме нашите постигнувања, затоа повторувам дека отворањето на тема за корекција на границите за мене е не прифатливо. Границите не се поместуваат со зборови, рече Харадинај.

Неколкучасовниот престој на Харадинај во Валона се случува во време кога во Косово, се одвива жешка дебата и се искажуваат различни тези,околу идејата на претседателот Хашим Тачи за менување на границите и размена на територии со Србија.

Во меѓувреме, Тачи пак денеска на прес конференција рече дека нема поделба на Косово ниту пак размена на територии, туку дека барал корекција на границите.