Косовскиот премиер Рамуш Харадинај порача денеска дека на Балканот нема да има мир се додека Србија не ги признае злосторствата кои ги изврши во регионот во војните од 90-тите години, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај пораката ја упати од Голема Круша, на одбележувањето на 20-годишнината од масакрот во тоа село и во Мала Круша во близина на градот Ораховец, каде што од 25 до 27 март 1999 година српските сили убија 243 мажи и момчиња, оставајќи 140 вдовици и 502 сирачиња, како и запалија 893 приватни и јавни објекти. Освен тоа, 64 Албанци од таа област и натаму се водат за исчезнати, а вкупниот број исчезнати во цело Косово, Албанци и Срби, е околу 1.700.

Косовскиот премиер на комеморацијата во Голема Круша рече дека се несфатливи изјавите со кои српските челници ја негираат вистината за воените злосторства.

– Во 1999 година беше праведна одлуката на НАТО да ја запре косовската трагедија (…) Ги слушам српските политичари како ги негираат злосторствата и нашата болка. Ние имаме десетици места каде што се убиени недолжни цивили, од многу националности и вери, изјави Харадинај.

Тој нагласи дека е „несфатливо Србија да бара нешто во возврат за признавањето на независноста на Косово“.

– Како е можно да се негира Круша, Сува Река…? Како е можно (Александар) Вучиќ, (Ана) Брнабиќ и (Ивица) Дачиќ да ја негираат вистината? Како мислат да му донесат мир на Балканот? Ние и со овие исчезнати одевме на дијалог. Како е можно тие да бараат од Косово да исполни некакви услови за да одат на дијалог?, рече Харадинај.