Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на денешната средба со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави Метју Палмер изјавил дека Косово е непоколебливо во зачувувањето на уставната реалност и суштина, кога е во прашање договорт со Србија.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Харадинај по средбата објави дека со Палмер разговарал и за „транзицијата на Безбедносните сили на Косово (ФСК)“, за чие подигање нагласил дека „улогата на Америка и на НАТО останува незаменлива“.

– За финалната фаза на дијалогот (со Србија), Владата на Косово е подготвена за создавање на еден концепт на единство на политичките сили и изготви соодветна резолуција. Што се однесува до законски обврзувачкиот договор со Србија, во рамките на средбата го нагласив општиот став дека сме непоколебливи во зачувувањето на уставната реалност и суштина на Косово, кои се постигнати благодарение на жртвите на нашиот народ и долгорочното инвестирање на Америка и нашите стратешки партнери, напиша Харадинај на Фејсбук.

Палмер допатува денеска во Приштина на средби со косовските лидери, по вчерашната посета на Скопје, каде што се сретна со премиерот Зоран Заев, шефот на дипломатијата Никола Димитров и со лидери на партиите на Албанците во Македонија.