Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска посредно го предупреди претседателот Хашим Тачи дека може да биде разрешен од функцијата, доколку во преговорите со Србија го прекрши Уставот на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Изјавата на Харадинај беше одговор на новинарско прашање за „црвените линии“ во преговорите на Приштина со Белград, за кои Тачи пред неколку дена рече дека такви линии во настојувањата за постигнување конечен договор нема да има.

– Ние имаме Устав и секој што ќе излезе надвор од него значи дека гази врз договорот од Декларацијата за независност- рече Харадинај, споменувајќи го и разрешувањето за оние кои евентуално ќе го прекршат Уставот.

Косовскиот премиер денеска на прес-конференција по седницата на Владата говореше за извештајот за дијалогот со Србија, кој им е испратен на пратениците во Собранието на Косово.

Тој рече дека извештајот ја претставува реалната состојба, додека приоритет за Приштина во дијалогот со Белград е спроведувањето на претходно постигнатиот договор за енергетика.