Косовскиот премиер Рамуш Харадинај изјави дека имал разговор со официјални лица на Стејт департментот и дека рекле оти не сугерираат решение, кое вклучува размена на територии или прашање на границите во дијалогот Белград и Приштина, пренесува денеска „Клан Косова“.

Тие, како што вели Харадинај, оставиле простор на лидерите да постигнат „прифатливо решение, што нема да биде дестаблизирачко и што ќе биде прифатливо и за другата страна“.

Косовскиот премиер повтори дека е неопходно постигнување на правно обврзувачки договор со Србија, но, притоа не треба да се чепкаат сегашните граници.

-Ние не мислиме дека треба да постигнеме договор и притоа да дадеме територија. Ставањето на прашањата за територијата и границата на маса би било многу погрешно, додаде тој.