Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по денешното барање на опозицијата за оставка на Владата поради неуспехот да се укинат европските визи за косовските граѓани, изјави дека неговиот Кабинет не може да се обвинува поради доцнењата на Брисел во тој процес, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај по денешната владина седница им изјави на новинарите дека е несоодветно барањето на опозицијата за оставка на Владата „поради доцнењата на Европската унија (ЕУ)“.

– Неуспехот не е дефиницијата која ја опишува состојбата. Таа состојба е незатворена. Косовската страна, значи едната од страните, го затвори својот дел од обврските. Остана уште делот на работите од страна на ЕУ. Доколку опозицијата мисли дека треба да си заминеме заради доцнењето на ЕУ, може и да заминеме, но тоа не е соодветно на ситуацијата, истакна Харадинај.

Собраниското Претседателство го усвои денеска барањето на пратеничките групи на двете најголеми опозициски партии, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Движењето Самоопределување (ВВ), за вонредна собраниска седница, која треба да се одржи попладнево.

На оваа седница, според барањето на ЛДК и ВВ, треба да се расправа за „неуспесите на владејачката коалиција, кои кулминираа со неисполнување на ветувањето за укинување на визите за граѓаните на Косово“.

Заради неуспехот со визната либерализација, опозицијата најави дека ќе бара и гласање за недоверба на Кабинетот на Харадинај.