Нови вонредни парламентарни избори на Косово се неизбежни по најновите настани и по повлекувањето на поддршката на актуелната влада од пратениците од Српската листа, пишува приштинскиот портал „Зери“. Функционирањето на владата на Рамуш Харадинај, по одлуката на српските пратеници, е речиси невозможно, затоа што сега владејачката коалиција е составена од 53 пратеника од вкупно 120. Во наредните денови се очекува реконструкција на Владата.

Порталот „Зери“ потсетува дека членките на владејачката коалиција Алијанса за ново Косово, Беџет Пацоли, не ја исклучи можноста за напуштање на Владата откако Харадинај одлучи да го смени министерот за внатрешни работи Фалмур Сефаја. Од опозициското движење „Самоопределување“, Аљбин Курти нема намера да влезе во владејачката коалиција, додека Иса Мустафа најави дека Демократскиот сојуз на Косово ќе заземе став за тоа дали во Косово се потребни нови избори. Пратеникот на опозициската ДС Косово, Насер Ругова, се изјасни дека неговата партија нема да влегува во владејачката коалиција, пренесува РТС.

– Од ослободувањето на Косово нема послаба и понеодговорна влада, со која земјата сѐ повеќе уназадува – изјави Ругова. Во Демократскиот сојуз се поподготвени за разговори за одредување датум за нови парламентарни избори на Косово. Од оваа партија ќе ги преземат сите дејства за да се сруши сегашната власт предводена од Рамуш Харадинај. Од владејачката партија изјавуваат дека заминувањето на пратениците од Српската листа нема да ѝ пречи на работата на Владата. Но просто мнозинство од 61 пратеник не може да обезбеди ни опозицијата. Последните парламентарни избори на Косово се одржаа во јуни лани, а тие беа вонредни.