Грчкиот весник „Екатимерини“ објави видеоснимка преку која тврди дека турската полиција фрла солзавец од нејзина страна на границата кон грчките колеги. Солзавецот, наводно, е фрлен од турската страна на границата во Европа за време на судирите меѓу грчките полицајци и мигрантите, кои насилно се обидуваат да преминат од Турција во Грција.

Грчките власти, кои го објавиле видеото, а го пренесе грчкиот весник, навеле дека турската полиција, која е стационирана на 40 метри од границата, користела фрлач на гранати за испалување на солзавец во тампон зоната.

Грчките власти утрово испалија солзавец и гранати за да ја одбијат навалата на мигрантите, кои сакаат да влезат во земјата од Турција. Тоа следи откако Турција порача дека ќе ги отвори границите за сите оние кои сакаат да ги преминат.

Судирите настанаа во близина на пограничното село Кастаниес, долж оградата на границата со Турција, која ја следи копнената линија до реката Еврос. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела рече дека ќе ја отвори границата и ќе ги пушти сите оние кои сакаат да ја преминат.

На граничниот премин настана хаос, има се повеќе судири и насилство.