На Меѓувладина конференција Србија-ЕУ во Брисел, Србија денеска го отвори 9-то поглавје кое се однесува на финансиските услуги.

Српската министерка за евроинтеграција, Јадранка Јоксимовиќ по отворањето на поглавјето и по потпишувањето на претпристапната помош ИПА 2018 година во вредност од 179,1 милион евра оцени дека Србија не може да биде незадоволна од постигнатото.

Еврокомесарот за проширување на Унијата, Јоханес Хан, изјави дека отворањето на 9-то поглавје за Србија е важен чекор во преговорите за членството во ЕУ и го повика Белград да ги забрза реформите, со цел отворање на новите поглавја до крајот на оваа година.

– ЕУ останува целосно посветена на ЕУ перспективата на Србија, а Европската Комисија и земјите-членки секогаш поддржуваат отворање на нови поглавја ако земјата напредува во областа на реформите. Убеден сум дека во вториот дел од оваа година ќе има уште отворени поглавја – порача Хан, пренесува „Танјуг“.

Србија во досегашните преговори со ЕУ има отворено 16 од 32 поглавја, од кои затвори две поглавја.