Комесарот на Европската унија за проширување и соседство Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека кое и да е решение за Србија и Косово не смее да биде на штета на стабилноста во Западен Балкан.

– Јас сум за решавање на секој билатерален судир, но секое решение мора да придонесе за поширока стабилност на овој регион, така што тоа билатерално решение да на оди на сметка на другите во регионот. Сега мораме да ја гледаме пошироката слика што значи дека, без оглед на тоа какво е решението, тоа мора да биде такво да не биде на штета на другите, рече Хан.

На прашањето дали не исклучува замена на територии, Хан одговори дека треба да им се остави на нив да дискутираат.

– Мислам дека тоа треба да им се остави на нив, тие нека расправаат за тоа. Сега многу јасно знаат кои се нашите условни рамки и сметам дека, ако сакате нешто да постигнете, треба да се размислува и надвор од кутијата, додаде Хан.

Зборувајќи за тоа која е условната рамка на ЕУ, Хан рече да има повеќе стабилност во регионот и секое поединечно решение, секој договор за решавање на билатерални судири да мора да придонесе за вкупната стабилност и развој на регионот затоа што, како што наведе, целта е сите шест земји да станат членки на Европската унија.

На прашањето дали се плаши дека тоа би можело да има негативен ефект врз Босна и Херцеговина, Македонија, дури и на земјите од источното партнерство, комесарот Хан одговори дека е прерано да се зборува за тоа.

– Тие се уште преговараат. Се појавија некои идеи. Да го гледаме тоа на овој начин – и сега се работи на понатамошни преговори со цел подобро усогласување на идеи. Сметам дека пакетот во кој ќе биде правно-обврзувачкиот договор меѓу Србија и Косово мора да содржи повеќе елементи, а тогаш ќе ги видиме конечните идеи. Но мислам дека двете страни сега се целосно свесни за меѓународната, не би рекол загриженост, туку ограничување, а внатре во тоа мислам дека се можни многу решенија, рече Хан.