Европскиот комесар за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“ изјави дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската унија е единствен начин да се одржи мирот во регионот, пренесува МИА.

– Мораме да ја промовираме економската соработка и владеењето на законите во Западен Балкан, за земјите од овој регион го достигнат нивото на ЕУ и да имаат реална перспектива за пристап – истакна Хан.

Тој додаде дека не може да наведе точен датум, но оти 2025 година е многу важна за кредибилитетот на европската перспектива на Западен Балкан, што е широко прифатено и во Унијата.

Хан дополнително истакна дека „2030 година би била премногу далеку за земјите кандидатки да се мотивираат да ги интензивираат своите напори“, а потенцираше и дека на Балканот мора да постои јасна посветеност на владеењето на правото и на борбата против корупцијата.

– Годината 2025 е амбициозна, но не и нереална цел за членство во ЕУ за земјите кои најмногу постигнале на тој пат. Тоа значи дека преговорите мора да завршат до 2023 година. Исто така, станува збор за кредибилитетот на ЕУ. Кога земјите кандидатки ќе ги исполнат своите обврски, ние мораме да ги исполниме нашите ветувања – посочи Хан.