Комесарот за проширување на Европската унија Јоханес Хан допатува во Приштина, каде ќе се сретне со највисоките косовски претставници на разговори за таксата од 100 отсто што косовската Влада ја воведе на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина.

Хан допатува во Приштина само неколку часа по средбата што, на истата тема, ја имаше во Белград со претседателот на Србија Александар Вучиќ.

Првата средба во косовскиот главен град еврокомесарот ја има со претседателот на Собранието Кадри Весели, а потоа ќе се сретне и со претседателот Хашим Тачи и премиерот Рамуш Харадинај.

Се очекува Хан да го повтори повикот на Брисел за укинување на таксата и за продолжување на напорите за нормализација на односите со Белград.

Од кабинетот на Харадинај досега категорично ја одбиваа можноста за повлекување на одлуката, нагласувајќи дека таа ќе остане во сила „се додека Белград не престане со деструктивното однесување кон Косово на меѓународен план“.