Електромонтери и градежници и натаму работат на обновување на инфраструктурата и снабдување со електрична енергија на Халкидики каде е прогласена вонредна состојба по големото невреме од средата, соопшти денеска секретарот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардалиас.

Како што пренесе новинската агенција „Танјуг“, снабдувањето со струја наскоро треба да се обнови и во местата Мармарас, Симантра и во кампот во Сарти.

Во останатиот дел од источна Касандра каде имаше прекин на елетричната енергија, постепено се враќа снабдувањето, по замената на пет оштетени главни кабли.

Од вчера, нормализиран е сообраќајот на дел од патот Потидеа-неа Фокеа, кој беше затворен кога за време на бурата на патот паднаа електрични столбови.

Министерството за здравство соопшти дека во болниците има вкупно 14 повредени, од кои едно лице е во критична состојба.

Во бурата што во средата корнеше дрвја, покриви и превртуваше автомобили, загинаа седум лица, а повеќе од стотина се повредени.