Континуираните хакерски напади успеаја да го блокираат пописот на населението преку интернет во Бугарија, кој започна во вторникот. На третиот ден од пописот, системот беше во прекин поради голем напад за одбивање на услугата ДоС. Трагата за два напада извршени во првите денови на електронскиот попис води до кинеска и шведска ИП-адреса, информира „Еуроактив.бг“.
Во средата, Националниот институт за статистика (НСИ) привремено го ограничи пристапот до страницата и сите нејзини системи за да спречи протекување податоци.
Претседателот на институтот, Сергеј Цветарски, за проблемите во системот треба да зборува пред бугарскиот парламент.
Пратеникот од Демократска Бугарија, Ивајло Мирчев, кој има искуство во ИТ-бизнисот, ја критикуваше НСИ дека не ги спровела основните активности за заштита на националната пописна платформа од напади на ДоС.
– НСИ имаше десет години да се подготви за овој момент. Во последните шест години во земјата бевме сведоци на серија напади врз технолошката инфраструктура на многу државни институции. Никој во НСИ не извлекол поука од овие напади – рече Мирчев.
Бугарскиот експерт за сајбер-безбедност Спас Иванов за Нова ТВ рече дека „целта за блокирање на пописот е најчесто политичка“. Според него, пристапот до веб-страницата на институтот треба да биде ограничен на бугарските ИП-адреси, бидејќи тоа би ги намалило нападите со лажни барања за пристап од Кина, Русија и Аргентина.
Десетици Бугари веќе поднесоа жалби до националниот правобранител поради сомневања за загрозени права во пописната постапка.