Хакери украле лични и финансиски податоци на милиони бугарски граѓани. Тие провалиле во системот на државната даночна управа, соопшти бугарската влада.

Кибер нападот на бугарската Национална агенција за приходи се случил кон крајот на јуни, а е откриен откако едно лице, кое тврди дека е руски хакер, ги контактирало бугарските медиуми доцна синоќа нудејќи им пристап до украдените податоци.

– Споредивме 30 отсто од податоците кои се објавени и потврдуваме дека тоа се информации од бугарската Национална агенција за приходи – изјавил Росен Бачваров, портпарол на бугарската Национална агенција за приходи.

Бугарскиот министер за финансии, Владислав Горанов, изјави дека информациите кои се украдени немаат ознака „доверливо“ и не ја загрозуваат финансиската стабилност.

Дневниот весник „24 часа“ објави дека еден документ кој го испратил наводниот хакер по елетронска пошта содржел повеќе од 1,1 милиони идентификациони броеви со податоци за приходи и за социјално и здравствено осигурување.