Петер Волф, виш експерт за информациски и комуникациски технологии, посочува дека на Балканот изборните комисии се главен извор на информации и затоа се изложени на сајбер-напади, чија цел е менување на перцепцијата за резултатите од изборите

Две години пред одржувањето на претседателските избори во 2018 година, Црна Гора беше изложена на засилени сајбер-напади, кои беа насочени кон државните институции и медиумите. Само во 2017 година биле регистрирани 700 сајбер-напади, што е зголемување од 20 пати во споредба со претходната година. Слични обиди имало и на општите избори во ЦГ во 2016 година. Од црногорските власти не посочиле од каде доаѓаат компјутерските напади, но тие ги поврзаа со зачленувањето на земјата во НАТО и нејзиното приближување кон Европската Унија, на што се противи една од големите светски сили, пренесоа тогаш медиумите во Црна Гора.
– Црна Гора е цел пред секои изборни циклуси или промени. И не само Црна Гора, туку и регионот – Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Активностите на таквите напади или обиди за напади на одредена државна инфраструктура се зголемуваат. Нападите со политичка заднина, најчесто се јавуваат во организации на држави, а дистрибуирањето злонамерни програми претставуваат најмасовно оружје што државите го користат во остварување на своите политички цели – изјави тогаш Адис Балота, декан на Факултетот за информациски технологии на Медитеранскиот универзитет во Подгорица, за Радио Слободна Европа.

Петер Волф, виш експерт за информациски и комуникациски технологии, избори и демократија во невладината организација ИДЕА со седиште во Стокхолм, посочува дека на Балканот изборните комисии се главен извор на информации, што само создава ризик за напад на единствената веб-страница на државните изборни комисии. Тоа се случи и на денот на изборите во Македонија кога страницата на ДИК беше изложена на ДДоС-напади, така што граѓаните не можеа да ја отвораат страницата и да ги следат изборните резултати на политичките партии, кои учествуваа на парламентарните избори.
– Ова е наједноставен напад на некоја веб-страница и е многу поедноставен од упадот во системот, можност за пристап однатре и за инсталирање сопствени софтвери… ДДоС е екстерен напад и нема опасност да бидат загрозени податоците. Ова можеше да ѝ се случи на која било земја. Ако сакате да го оштетите кредибилитетот на изборниот процес преку сајбер-напад, ова е еден вообичаен вектор на напад. Некој добро се потрудил за ова, а очигледно станува збор за напад на перцепција – вели Питер Волф, автор на извештајот ИДЕА: „Сајбер-сигурност и избори“, во разговор со новинарот Енди Хеил, од централата на редакцијата РСЕ.

Тој ја исклучува можноста дека оваа активност е направена само од едно лице. Вообичаено кај ДДоС-нападите е да се располага со мрежа од компјутери, а ова може и да се нарача како услуга на даркнет, но тоа секако вклучува и одредени финансиски издатоци.
– Не сакам да шпекулирам дали зад ова стои некоја држава. Вакви напади можат да се видат во која било држава. Слични напади имаше во Црна Гора. Пред некој ден имав повик за напад во Индонезија при новата регистрација на гласачите. И оваа страница беше нападната на ист начин и со слични намери, Станува збор за глобален тренд.

Различни актери, кои сакаат да испратат различни пораки, го користат овој начин за да ја намалат довербата во изборниот процес или да испратат порака. Најголемиот број напади имаат цел да влијаат на перцепцијата. Доволно е да се изврши таков напад и тогаш доаѓа до конфузија, луѓето почнуваат да шпекулираат – објаснува Волф.
По случаите на последните избори во Црна Гора, елитен тим американски компјутерски експерти работат во Подгорица за да се изгради стратегија за борба против потенцијалните надворешни сајбер-напади, пред парламентарните избори, кои се закажани за крајот на август. Црногорскиот министер за одбрана Предраг Бошковиќ изјави дека заштитата од сајбер-нападите и дезинформациите е клучна за заштитата на Балканот од враќањето на хаосот по распаѓањето на поранешната југословенска држава.