Младите во Грција не гледаат промени по давање на поддршката на партијата Сириза

Младите генерации во Грција се незадоволни од политичката и економската ситуација во нивната земја. Тие не гледаат просперитет и сакаат да ја напуштат земјата откако ќе завршат со нивното школување, а на политичката ситуација помеѓу партиите СИРИЗА и Нова демократија гледаат со рамнодушност, па се зголемува бројот на оние што решаваат да го изберат помалото од „двете зла“. Така, сѐ поголем е бројот на млади што го вртат грбот на либералната СИРИЗА и се насочуваат кон конзерватизмот на Нова демократија, пренесува Би-би-си.

Како и многу други Грци, младиот Тасос Ставридис планира да ја напушти земјата откако ќе ја добие дипломата по политички студии.

– Политичката криза во нашата земја трае подолго од очекуваното. Едноставно, сите сме изморени од тоа. Повеќето од моите пријатели исто така сакаат да заминат поради ниските плати и лошата економска состојба – вели 22-годишниот Ставридис.

Младите генерации беа сериозно погодени од кризата во земјата. Со стапка од невработеност од речиси 40 отсто, помеѓу 350.000 и 400.000 дипломци емигрирале надвор од Грција од почетокот на 2010 година.

Со наближувањето на изборите во Грција на 7 јули, младите сѐ повеќе ја даваат нивната поддршка на конзервативната партија Нова демократија, иако таа делумно беше виновна за економската криза што ја погоди земјата. Околу 30 отсто од гласачите помеѓу 18 и 24 години се одлучија да ја поддржат партијата, вртејќи го грбот на либералната СИРИЗА.

Откако СИРИЗА дојде на власт, разочара многумина од нејзините поддржувачи со економскиот план, како и со игнорирањето на резултатите на референдумот.

Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, кој се очекува да победи на изборите, ветува помали даноци, поголема приватизација на јавните услуги, како и овозможување на реинвестирање повеќе пари назад во земјата.

– Треба да се фокусираме на приватниот сектор за да станеме економски подобри. Нашиот јавен сектор е неефикасен и мрзелив – смета Ставридис.

Грција и нејзината младина долго време ја асоцираат со радикализмот во политиката, почнувајќи од студентскиот протест во 1970-тите кој помогна да се урне воената диктатура, па сѐ до анархистичките протести и економската криза.

Иако Нова демократија е економски либерална, нејзиниот социјален став е цврсто конзервативен. Нејзините политичари се фокусираат на семејството, црквата и на нацијата, а Мицотакис вети дека ќе се бори и против миграцијата. Од друга страна СИРИЗА донесе неколку закони за поддршка на ЛГБТИ-заедницата и работеше на одделување на црквата од нацијата.

Со оглед на тоа што повеќето истражувања покажуваат дека младите Грци се повеќе социјално либерални од постарите генерации, тогаш зошто ја поддржуваат Нова Демократија?

Зое Бабаолу, 19-годишна девојка од Солун која даде поддршка на Нова демократија, вели дека во 2015 година гласала за СИРИЗА, но не видела никакви промени одтогаш. Затоа, таа сега повеќе е заинтересирана за економските промени кои можат да се случат од страна на Нова демократија. Но, како што објасни таа, повеќето од нејзините млади пријатели немаат голема надеж, а на политичката ситуација гледаат рамнодушно.

– Младите не знаат за кого да гласаат и засега гледаат на политичката ситуација со рамнодушност. Нивните семејства економски се уништени и мислат дека ништо нема да се промени со сегашната власт. Затоа ги насочуваат своите надежи кон Нова демократија – вели Бабаолу.