Францускиот претседател Емануел Макрон престојува во прва (дводневна) посета на Хрватска, каде што ќе ја потврди продажбата на авионот „рафал“ и ќе потпише стратегиско партнерство.
Во мај, за да ја модернизира својата воена авијација, Хрватска најави купување на 12 авиони „рафал“ од францускиот производител „Дасо авиејшн“, пренесува „Бета“.
Договорот е вреден околу милијарда евра и е најголемата нарачка за оружје на Хрватска од нејзината независност од распадот на поранешна Југославија, додаваат француските медиуми.
По Хрватска, Макрон ќе престојува во Италија, за да разговара со тамошните официјални лица, а во Ватикан ќе биде примен од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск.
Од Елисејската палата изјавија дека целта на оваа мини-европска турнеја е подготовка на француското претседателство со Европската Унија, кое ќе започне на 1 јануари 2022 година, а следната година се планирани претседателски избори во Франција.