Косовскиот премиер Рамуш Харадинај не се откажува од идејата за формирање на косовската војска и очекува дека ќе биде формирана во текот на оваа година.
– Годинава Косово ќе добие војска. Мина доста време, но тоа не е изгубено време, за време на овој период војската ја доби довербата од сите страни, дури и од Србите од Косово. Има млади од северот, кои се во војската на Косово, а со тоа покажуваме дека не правиме националистичка војска – изјави Харадинај.
Тој тврди дека процесот на создавање на војската е во завршна фаза и дека наскоро ќе биде завршен, или преку уставна или преку законски измени, пренесува РТК2.
Зборувајќи за односот меѓу Приштина и Белград, косовскиот премиер кажа дека смета дека меѓусебното признавање е единственото решение.
– Со Србија имавме војна, која заврши на 9 јуни 1999 година, но официјално војната ќе прекине кога двете страни ќе се признаат една со друга. Токму како што ги призна Хрватска и Босна, Србија би требало да го признае и Косово. Ова е во наш интерес и не треба да се плашиме да седнеме заедно на преговарачка маса и да го официјализираме признавањето – изјави Харадинај.
Тој додаде и дека од Косово до крајот на 2018 г. ќе може да се патува без визи, наведувајќи дека потребата за слобода на движење е сѐ поголема и претставува бариера за граѓаните на Косово.
– Косово работи на тоа да станеме членка на Обединетите нации, Србија да нѐ признае и да го заокружиме процесот на нашата независност. Но пред тоа Косово ќе стане членка на Интерпол. Очекуваме да станеме полноправна членка на оваа организација во ноември – вели Харадинај.