Поддршка на проширувањето на Европската унија(ЕУ), најавија денеска министрите за надворешни работи на земјите од форматот В4+Б4 – Вишеградската четворка и четирите балкански држави членки на ЕУ, на состанокот во местото Сунион, бо близина на Атина.

Денешната средба на министрите од Вишеградската четворка (Унгарија, Полска, Чешка, Словачка) и групата Б4 (Грција, Бугарија, Романија и Хрватска), се одржа шест дена пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, предвиден за 17 мај во Софија.

– Ние што сме тука, сме пријатели на проширувањето – изјави хрватската министерка за надворешни работи Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Шефовите на дипломатите на Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, држави кои се надеваат на присоединување кон ЕУ, на средбата на В4+Б4+ се поканети како набљудувачи, заедно со нивните колеги од Словенија и Кипар.

Учесниците на средбата, кои се со ист став по прашањето за проширувањето, сепак не се согласуваат кога тоа треба да се случи.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, смета дека е реално проширувањето да биде во 2025 година. Таа година ја спомна и претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер лани во ноември, како можност за ефективно присоединување на најнапреднатите земји – Србија и Црна Гора.

Но, шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто смета дека проширувањето треба да се случи „што поскоро“.

– Во спротивен случај, на крај ќе имаме многу сериозни проблеми со безбедноста, затоа што сите големи играчи, освен ЕУ, имаат стратегија за овој регион – потенцира Сијарто.

Полскиот министер Јацек Чапутович, исто така, ја нагласи „стратегиската важност“ на проширувањето.

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој е домаќин на средбата, ги осуди „оние, кои сакаат Европа со неколку брзини“, што според него, им одговара за поголемите земји.

– Не може да има мали држави, потчинети на поголемите – додаде Коѕијас.