Европратениците од редовите на Социјалдемократската група во Европскиот Парламент, Тања Фајон и Кнут Флекенштајн, преку писмени соопштенија ги осудија изјавите на претседателот на Република Српска Милорад Додик со кои го негира геноцидот во Сребреница.

Пратеничката Фајон порача дека геноцидот во Сребреница е етаблиран факт од страна на Меѓународниот Суд за правда и дека за тоа не може да има негирања и полувистини.

– Ги повикувам политичките лидери во БиХ и Србија да се воздржат од ваква срамна и опасна реторика која води само кон поделби. ЕУ и понуди на БиХ јасна перспектива за интеграција, но тоа нема да биде можно без мир, стабилност и помирување. Негирањето на етаблираните факти за масакрот во Сребреница никако нема да и помогнат на БиХ да ги исполни овие цели, изјави Фајон.

Минатата недела, лидерот на Република Српска, Милорад Додик, повика да се повлече владиниот извештај кој го признава масакрот на над 8000 Босанци Муслимани во Сребреница во 1995.

– Како Германец знам како боли сеќавањето на минатото на сопствената нација и земја, но без признавањето на геноцидот во Сребреница нема реална шанса за мирна и стабилна иднина за БиХ, изјави Кнут Флекенштајн.

Тој смета дека изјавите на Додик ја носат земјата назад.

– Го повикувам Додик да се повлече од реториката на поделби, изјави европратеникот.