Недостигот од работна сила не е само проблем за фирмите што работат во Хрватска туку и за оние компании што имаат одобрение за работа и во странство. Од први јануари следната година хрватските работници што ќе бидат испратени од фирмите во Германија ќе можат да работат само 24 месеци, со што ќе се продлабочи проблемот со пронаоѓање квалитетна работна сила. Ова беше посочено на традиционалниот годишен состанок на хрватските компании што работат надвор од државните граници, кој се одржа во германскиот град Диселдорф.

Според новата директива што е воведена во Европската Унија, т.н. прераспределени работници првата година ќе можат да работат според хрватското работничко право, а следните 12 месеци нивното работно време, годишен одмор, минимална плата и другите работни услови ќе се изедначат со правата на германските работници. По истекот на две години, работниците ќе мора да се вратат во Хрватска. Кој е тој период не се знае, а најспорно е тоа што за вратениот работник не ќе може да се испрати негова замена. Ова создава дополнителни проблеми за хрватските работодавци, пишува „Јутарњи лист“.

Во Хрватска на овој принцип се ангажирани околу 40.000 работници, а постојат мислења дека на овој начин се извлекуваат работниците и приходите од земјата.
– Не ги извлекуваме работниците од домашниот пазар на труд, туку со зголемувањето на нивните приходи со работа во странство, всушност, ги задржуваме во Хрватска. Тие се само привремено ангажирани во странство и тие се враќаат со знаење и со пари, со кои се придвижува и хрватската економија – вели Ингре Зоран Андрочец, директор на една компанија што работи во странство.

Целта на оваа компанија, како што вели тој, е да им се понуди сигурност на младите работници и на нивните семејства за да немаат причина трајно да се иселуваат.