БУГАРИЈА

Канцеларијата на ЕУ за борба против измама бара Бугарија да врати седум милиони евра и да поведе кривична постапка спрема бугарското МВР во врска со испорака на 350 полициски возила. Како што објави „Еуроактив“, во јули 2018 година почнала истрага по обвинувањата за измама и злоупотреба на средства од ЕУ од договорот за грант на Фондот за внатрешна безбедност на ЕУ, во врска со испорака на 350 возила на целиот терен за полицијата, со кои управува Министерството за внатрешни работи на Бугарија.
Канцеларијата на ЕУ откри дека Министерството ги прекршило одредбите на договорот за грант со еднострано менување на неговите услови. Министерството се определи за набавка на голем број џипови наместо теренски возила.
Договорот бил потпишан на крајот на февруари 2018 година, кога Владата ја предводеше ГЕРБ, односно Бојко Борисов.
Купувањето било спроведено во брза постапка, поради притисокот врз бугарските граници од мигрантската криза, а на тендерот била избрана компанијата наречена „Бугарска автомобилска индустрија“, сопственост на бизнисменот Гриша Ганчев, пренесуваат медиумите во регионот.