По поразот на Исламската држава, земјите од Балканот се фокусираа на спроведување на препораките за спречување средствата од тајни извори да стигнат до терористички организации

Откако стотици балкански екстремисти заминаа во странство да се борат за Исламска држава, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија се најдоа под зголемен меѓународен притисок да го намалат финансирањето на тероризмот. За сериозноста на оваа тема упатува случајот со одлуката на Американскиот суд за депортација на Рамиз Зијад Хоџиќ, човек од Босна и Херцеговина, кој живееше во САД, поради поседување воена опрема купена со пари наменети за опремување на терористичките борци на Блискиот Исток. Тој беше обвините и за испраќање пари на други лица во два босански града и во Црна Гора за да ги издржува семејствата на луѓето што се борат во Сирија и Ирак. Досега никој во Босна и Херцеговина и Црна Гора никогаш не бил гонет за овие трансфери. Од Западен Балкан само пет лица досега беа прогласени за виновни за обвиненија за финансирање тероризам – еден во Албанија и четири во Србија, пишува во анализата на „Балканинсајт“.

Терористичките организации се потпираат на различни приливи на приходи, од донации до трговија со дрога, а прекинувањето на нивниот пристап до средства се смета за суштинско значење за ограничување на нивната способност за дејствување. По поразот на Исламската држава во Сирија во 2019 година, земјите од Балканот се фокусираа на спроведување на препораките за спречување средствата од тајни извори да стигнат до терористички организации. Земјите што не ги спроведуваат препораките може да завршат на „црни“ или „сиви“ списоци, кои ги изработува Оперативна група за финансиски акции (ФАТФ), меѓународна организација основана од Г7 за определување дејства за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам. На сивата листа се земјите за кои сметаат дека имаат „стратегиски недостатоци“ во нивните закони за спротивставување на перењето пари или финансирањето тероризам, но кои се подготвени да работат на подобрување на нивното законодавство и практики. На црната листа се Иран и Северна Кореја, кои се изложени на санкции и нивните меѓународни финансиски трансакции се темелно набљудувани.
Од земјите на Западен Балкан, Албанија моментално е на сивата листа, а Србија е под зголемен мониторинг. БиХ со години беше на сивата листа, пред да ги усвои измените на законодавството. Во изминатите години, сите влади на Западен Балкан се обидоа да го решат ова прашање.

– Проблемите остануваат со начинот на спроведување на стратегиите. Институциите низ целиот регион имаат низок ефект од истраги, гонења и осудувања на самостојни случаи на перење пари – вели Кристина Амерхаузер, аналитичарка во Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал, со седиште во Женева, која учествува во подготвување извештаи за перење пари на Западен Балкан.
Босна и Херцеговина го усвои акцискиот план за спречување на перењето пари и финансирањето тероризам, а како потенцијално ризични области во оваа земја се банкарството, услугите за трансфер на пари и вложувањето во недвижности. Во БиХ, никој сè уште не е гонет за финансирање тероризам. Земјата имаше сериозен проблем со регрутирање лица за екстремистички групи на Блискиот Исток. Од 2012 година, околу 200 мажи и 70 жени заминаа за Сирија или за Ирак. Од 2012 до 2016 година имало 11 полициски извештаи до обвинителите за сомневање за финансирање тероризам, но случаите подоцна биле класифицирани како други кривични дела поврзани со тероризам.

– Подготвени се законски измени за усогласување на законодавството на земјата со меѓународните стандарди, но ентитетот Република Српска ги попречува промените. Таквиот неодговорен пристап може, во суштина, да доведе БиХ повторно да се најде на сивата листа, што може да им наметне уште потешки проблеми на своите граѓани кога станува збор за испраќање пари во странство и отворање сметки – вели Армин Кржалиќ, професор на Факултетот за криминологија, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево
Србија беше симната од сива листа во јуни 2019 година, но во земјата сè уште постои ризик за финансирање тероризам на „средно ниво“. Досега четири лица се осудени за финансирање тероризам во Србија, односно за дела за собирање пари за да испратат борци на страната на Исламска држава во Сирија. Овие лица ги злоупотребиле донациите на верските верници за да им помогнат во финансирањето на нивната незаконска шема. Во Србија најизложени сектори за перења пари се пазарот на недвижности, банкарското и менувачкото работење, казина и сметководствени фирми.
– Поради својата географска положба и нетранспарентното потекло на капиталот во разни инвестициски проекти, ризикот од финансирање тероризам во Србија останува доста значаен – рече за БИРН Мирослава Миленовиќ, експертка за финансиска форензика.
Општа оцена е дека многу случаи на перење пари не стигнуваат до судовите во Србија. Според анализата на БИРН Србија, помалку од една петтина од ваквите случаи започнати во земјата помеѓу 2008 и 2018 година завршиле во судовите.
Оние што беа прогласени за виновни или беа осудени на помалку од една година затвор или беа казнети со 10.000 динари (околу 85 евра).

Арбен Рамкај, експерт за безбедносни и религиозни прашања, посочува дека во Албанија екстремистите добија основа да функционираат преку исламски добротворни организации од некои арапски држави.
– Поединци, како членови на Ал каеда, како повратници од Авганистан или од Босна, може да користат средства наменети за добротворни цели за финансирање екстремизам и тероризам. Борбата против тероризмот е една од областите во кои земјата направи јасен и забележителен напредок – рече Рамкај за БИРН.
Од 2015 до 2020 година, само едно лице е осудено во Албанија за финансирање тероризам. Во меѓувреме, вкупно 23 лица беа прогласени за виновни за други обвиненија за тероризам во земјата во изминатите десет години, повеќето од нив беа осудени за регрутирање луѓе да се борат за Исламска држава и за поттикнување насилство.
Албанија има донесено закони за борба против финансирањето на тероризмот, но од меѓународните организации беше повикана да ги отстрани своите стратегиски недостатоци и да спроведе дополнителна длабинска анализа за ризиците за перење пари, како и да ја зајакне координација меѓу институциите.
Од Македонија вкупно 156 лица отидоа да ѝ се приклучат на Исламска држава. Лани во април Канцеларијата за финансиско разузнавање на Министерството за финансии објави извештај за тоа дека ризикот од тероризам во земјата е низок, а ризикот од финансирање тероризам на ниско до средно ниво. Повеќето од средствата за финансирање терористички активности во земјата поминале преку формалниот банкарски систем или преку услуги за трансфер на пари. Трансферите главно ги вршеле луѓе во западноевропските земји, кои испраќале средства за финансирање терористички активности.

– Националната стратегија е солидно структурирана, но недостигаат документи и анализи за имплементација и реализација на специфичните цели и мерки што се предвидени. Особено во врска со спречувањето на финансирањето тероризам, фокусот мора да се насочи кон нефинансискиот сектор. Ова вклучува хуманитарни и верски организации, но исто така и приватниот сектор, како што се градежништвото и фармацевтската индустрија – изјави за БИРН Весна Попоска, истражувачка на меѓународни односи и безбедносни студии од Скопје.
Верските добротворни здруженија во Црна Гора се меѓу организациите во кои се следи екстремистичката активност, преку Националната агенција за безбедност.
– Системот за финансирање на екстремистите е многу сложен и се управува преку специјални фондации и хуманитарни организации – објаснува Небојша Медојевиќ, член на собранискиот Совет за безбедност и одбрана.
Според извештаите на Специјалното обвинителство од 2017 до 2019 година, во Црна Гора имало 17 истраги за наводно перење пари, но не е познато дали некои од нив биле поврзани со тероризам. Од меѓународните организации повикуваат на подобра соработка помеѓу институциите на земјата, предупредувајќи дека ЦГ нема специфични закони и процедури за замрзнување на средствата наменети за тероризам.