Двајца српски државјани се наоѓаат на бродот „Ворлд дрим“, кој беше задржан во Хонгконг поради закана од коронавирусот, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.

– Меѓу 3.600 патници и членови на екипажот има двајца наши граѓани, членови на екипажот – рече Дачиќ, посочувајќи дека тие не биле заразени со коронавирусот.

Бродот бил задржан во водите на Хонгконг поради патничко тестирање, бидејќи некои членови на екипажот се пожалиле на висока температура, а било утврдено дека тројца патници кои крстареле од 19 до 24 јануари на враќање од Виетнам, биле тестирани позитивно за коронавирус.

Дачиќ истакна дека српската амбасада во Пекинг контактирала со српските граѓани, кои се добро и не се заразени.

– Ние ќе ги следиме состојбите во наредните денови и ќе бидеме во постојан контакт со нашите граѓани – рече Дачиќ.

Претходно, крузерот „Дајмонд принцес“, беше задржан со 3.700 патници во водите на Јапонија.

Тестирани се 273 лица, од кои 61 се позитивни на коронавирусот, а во меѓувреме продолжуваат тестирањата.