Зелената лева коалиција „Можеме“ доби голема поддршка од гласачите

Младите лица во Загреб од платформата „Можеме“ со години ја добиваа политичката енергија од уличните протести против агресивната урбанизација на градот. Додека во Белград урбани активисти го продолжуваат својот политички пат до парламентот, во Македонија првите архи-востаници се изгубија во својата мисија

Владејачката Хрватска демократска заедница освои убедлива победа на парламентарните избори, но земјата значително сврте во десно. За ова придонесе освојувањето на 16 пратенички мандати на Татковинската партија, која 7 беше главниот конкурент на ХДЗ за освојување на гласачите од крајната десница. На парламентарните избори со најмал одзив досега, од 46,85, најголемо изненадување се граѓанските здруженија, кои настапија под заедничката политичка платформа „Можеме“, која освои осум пратенички мандати и со тоа придонесе за големиот пораз на најголемата опозициска партија СДП, која го изгуби Загреб како најголемо упориште на опозициските гласачи и на левицата.
Новите лица на политичката сцена во Хрватска произлегуваат од граѓанскиот сектор, како што е невладиното здружение „Право на град“, кои се активисти воспитани во духот на прогресивните идеи, со што им се спротивставија на урбанистичките замисли на градската администрација на Милан Бандиќ, кој повеќе од 20 години е градоначалник на Загреб.

Бандиќ се смета за главниот „виновник“ за бетонирањето на градскиот простор на главниот хрватски град. Политичкиот лик, по кој граѓаните ја препознаваа оваа урбана коалиција, е Томислав Томашевиќ, кој бил претседател на активното загрепско еколошко здружение „Зелена акција“.
Успехот на изборите на оваа зелена лева коалиција, политичките аналитичари ѝ го припишуваат на можноста преку градското собрание да им се претстават на граѓаните како нова опција. Со тоа успеаја да ги придобијат гласачите на левата коалиција „Рестарт“, како и на неопределените гласачи. Но се чини, загрепчани се одлучија за „Можеме“ поради неснаоѓањето на Бандиќ со санирањето на штетите од неодамнешниот земјотрес, за што оправдание наоѓаше и во отсуството на финансиска помош од Владата, која ја предводеше ХДЗ. Секако, за тоа придонесе и сѐ понискиот рејтинг на загрепскиот градоначалник, чија партија ги изгуби изборите и на национално ниво.

Младите лица од Загреб својата политичка платформа почнаа да ја градат на демонстрациите против изградба на шопинг-центар и подземна гаража во строгиот центар на Загреб. А потоа се надоврзаа и многу други протести против урбаното самоволие на градската власт, што подоцна се преточи во граѓанската иницијатива „Загреб е наш“. Вториот чекор за формирање на платформата „Можеме“, како што се наведува во анализата на „Нови лист“, е направен на Филозофскиот факултет, во отпорот против повисоките трошоци за студирање и приватизацијата на високото образование. На овој факултетот е зародокот на сегашната партија Работнички фронт. Оттука пристигнуваат и големиот број активисти на кои се потпира коалицијата „Можеме“. Кон нив пристапуваат и неколку искусни играчи од левата политичка сцена, за да се финализира со сериозна политичка сила и алтернатива на социјалдемократската партија, која не успеа да ги придобие помладите гласачи, и на неутралните граѓани што ѝ се поблиски на левата опција.
Енергијата со која се придобија гласачите на последните избори произлегува од градските улици и од факултетските предавалници. Долгогодишната активност и организирањето различни протести им донесоа резултати на минатите локални избори во Загреб. Ќе успеат ли во намерите за неколку години да ја освојат и Хрватска или се само моментален тренд, како што претходно беа и момците од Живиот ѕид и други помали партии и групации, останува отворено прашање.

Во Македонија пред десет години се појавија првите посериозни граѓански движења што се противеа на агресивната урбанистичка политика на тогашните градски власти на Скопје. Студентите и архитектите од „Прва архи-бригада“ го организираа првото архитектонско востание во знак на протест на изградбата на црквата на плоштадот „Македонија“. Но, освен што протестот успеа почетно да ја разбуди граѓанската урбана свест, активноста на бунтовните и млади архитекти со текот на времето замираше. Нивните активности подоцна беа „привлечени“ од моќната партиска сила на опозицијата, која ја почна Шарената револуција, која подоцна беше искористена и за смена на власта. Од денешен аспект, учесниците на архи-востанието се задоволни што успеале да наметнат јавна дебата за архитектурата и урбанизацијата во Скопје, кое продолжува да го држи интересирањето на скопјани секогаш кога во нивна близина ќе се почне со некоја нова градба. Некои од тие реакции беа и од групата активности „Во одбрана на Дебар Маало“. Во целина, сите овие активности беа со краток здив и без постоење на поголеми политички мотиви за да се променат состојбите во државата на повисоко политичко ниво.

Томислав Томашевиќ

Слични граѓански иницијативи се јавија и во Србија, каде што во поголемите урбани центри повеќе локални здруженија се противеа на градежните зафати што беа поттикнувани од интересите на инвеститорите што остваруваа тесни врски со локалната и државната власт. Едно од поистакнатите здруженија се „Да не го давиме Белград“, кое организира повеќе протести против реализацијата на проектот „Белград на вода“ и употребата на сила при расчистувањето на просторот за изградба на објекти. Членовите на ова здружение сега се на најистурените позиции во дејствувањето на опозицискиот фронт, кој одлучи да ги бојкотира последните парламентарни избори во Србија. Во текот на повеќенеделниот карантин, поради спречување на ширењето на коронавирусот, тие учествуваа и во акцијата со „Врева против диктатурата“.

– Нам ни е потребно и ослободување на институциите, кои мора да работат во интерес на граѓаните. Иницијативата „Да не го давиме Белград“ сака да учествува на изборите. Имавме добар резултат во Белград пред две години, но во Србија не постојат минимални услови да се излезе на избори – соопштија од ова здружението пред одржувањето на изборите во Србија.