Со заминувањето на Ангела Меркел, постои страв дека ќе исчезне поттурнувачката сила со која Германија и канцеларката лично се залагаа за шесте земји од Западен Балкан во ЕУ во претходните години, како и за европската перспектива во тие земји, сметаат аналитичарите

Берлинскиот процес како калауз за влез во ЕУ

Проширувањето кон Западен Балкан останува стратегиска цел на Европската Унија, а земјите од Западен Балкан да се заложат за поголемо регионално економско поврзување. Ова се главните заклучоци од видеосамитот на европските и на балканските лидери, што се одржа во рамките на Берлинскиот процес, чиј домаќин беше Германија. Лидерите на Западен Балкан ја повторија својата определеност за што поскоро усвојување спогодба за слободно движење со лични карти и спогодба за граѓаните од трети земји, пред следниот самит на ЕУ и на Западен Балкан. Посебно внимание беше посветено на брзото усвојување на спогодбата за заемно признавање на академските и стручните квалификации со која ќе се олесни движењето на експертите во регионот.
Учесниците на самитот, седми по ред од 2014 година, усвоија заклучоци во кои освен потврдата за спроведување на заедничкиот регионален пазар, поставуваат и низа приоритети во различни области, вклучувајќи слобода на движење на стоките, дигитална трансформација, зелена програма, економски инвестициски план, одговор на пандемијата на ковид-19, безбедност, малокалибарско оружје и лесно оружје, миграции, помирување, исчезнати лица, интеграција на Ромите, младите и политиките поврзани со младите, стручни организации и граѓанското општество, образование, наука и истражување и развој, соопштија од Регионалниот совет за соработка.
Листата на заклучоците од завршниот документ на Берлинскиот процес предвидува мошне сериозна агенда за земјите од Западен Балкан. Нивното исполнување ќе зависи најмногу од мотивираноста на водствата во земјите од регионот, а посебна посветеност и ангажираност ќе биде потребна посебно за прашањето за формирањето заеднички регионален пазар. Политичките разлики и различните економски интереси остануваат најголема пречка за формирањето единствен балкански пазар. Ова оттаму што и „туркањето“ на оваа идеја ќе биде многу потешко за раководствата на државите, по сѐ поголемата неизвесност од процесот на проширување на Европската Унија.

Во оваа насока се и првите реакции по завршувањето на седмиот самит од Берлинскиот процес, што беше продолжуван по личните иницијативи на германската канцеларка Ангела Меркел, која веќе најави и повлекување од политичката сцена.
– Процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан практично замре. Во регионот ова доведува до фрустрација. Сепак, во последно време има мали, но корисни чекори на напредок – забележува Аделхајд Фајлке, во својата анализа на „Дојче веле“.
Но прагматичната трезвеност на процесот, исто така симболизирана од Ангела Меркел, се повлече пред отрезнувањето, кое долго време владее на Западен Балкан кога станува збор за очекувањата за проширувањето на ЕУ. Интеграциските процеси со години се заглавени – од една страна, затоа што секогаш одново во Брисел има вета и блокади; а од друга страна, затоа што нема значителен напредок во самите земји од Западен Балкан.
Со заминувањето на Ангела Меркел, постои страв дека ќе исчезне поттурнувачката сила со која Германија и канцеларката лично се залагаа за шесте земји од Западен Балкан во ЕУ во претходните години, како и за европската перспектива во тие земји. Не само што би било пожелно, туку би било и во интерес на Германија и на ЕУ, доколку Берлин продолжи да биде не само искрен посредник туку со сета своја надворешнополитичка сила и локомотива на регионална соработка, и доколку продолжи да се залага за европската перспектива на Западен Балкан, пишува во колумната на Аделхајд Фајлке.

– Сѐ додека ЕУ самата го попречува патот на проширувањето на Западен Балкан преку блокадите на одделни членки, иницијативите од Берлинскиот процес ќе бидат поважни од кога било. Додека сјајот на ЕУ е сѐ послаб на Западен Балкан, ангажманот на одделни држави во ЕУ и институции што се вклучени во Берлинскиот процес би можел да биде блескав светилник. Сите партии што имаат кандидати во трката за наследник на Ангела Меркел официјално го поддржуваат интеграцискиот процес на Западен Балкан. Но потребно е повеќе за да се надмине разочарувањето во регионот – смета Фајлке.
Словенечкиот премиер, Јанез Јанша, при презентацијата на приоритетите на претседателството на неговата земја со ЕУ, меѓу кои е и Западен Балкан, изрази надеж дека за овие шест месеци ќе бидат отворени преговорите со Македонија и со Албанија.
За Словенија проширувањето е логичниот одговор на геостратегиските предизвици со кои се соочува Европската Унија и перспективата кон Западен Балкан, но и кон земјите од источното партнерство како Украина, треба да заживее повторно.
– Оваа перспектива треба да биде опиплива за да може сегашната генерација да верува дека ќе се исполни додека е жива, инаку не може да биде поттик, таа мора да биде извор на енергија и инспирација – рече Јанша, додавајќи дека тоа е и најдобар начин да се придобие поддршката на граѓаните и да се поттикнат реформите.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ја поздрави волјата на Словенија да го врати Западен Балкан на дневен ред, меѓу другото со организацијата на октомврискиот самит.