Украден часовник на Тито пронајден на аукција

Српската министерка за култура и информирање Маја Гојковиќ вчера откри дека се пронајдени украдени уметнички дела, како кама и златен часовник на Патек Филип, кои му припаѓале на поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито. Часовникот бил украден пред повеќе од 10 години од Музејот на Југославија при изложба на часовници. Часовникот на Тито бил пронајден во Хонгконг во обид за продажба на аукција и се бара начин од Кина да се врати во музејот.
Во изјава за ТВ Прва, министерката за култура истакна дека крадењето артефакти е многу профитабилен бизнис на црниот пазар денес, а вредноста на украдените ремек-дела од Србија е околу половина милион евра. Гојковиќ потсети и на успешната акција за пронаоѓање многу скапоцена слика, неодамна откриена на официјална аукција во Цирих.
Трговијата со уметнички дела на црниот пазар е најдоходен бизнис, веднаш по трговијата со наркотици и оружје. Досега се најдени неколку украдени предмети од српските музеи.