Во Црна Гора не постои организирана кражба и продажба на автомобили, но организираните криминални групи често ги користат украдените возила за извршување убиства. Шест украдени возила во последните три години биле користени при физички ликвидации извршени во Црна Гора, пишува „Вијести“.

Во периодот од 2016 до октомври 2018 година на територијата на земјата се регистрирани вкупно 68 кривични дела за кражби што се однесуваат на нелегално отуѓување патнички моторни возила, информираат од полициската управа на ЦГ.
– Полицијата во сите шест случаи откри од каде се возилата што биле користени при извршување на наведените убиства. Две од нив се украдени на територијата на Црна Гора, додека четири се украдени во странство – едно во Босна и Херцеговина, две во Србија и едно во Италија – информираат од полициската управа.

Полицијата успеала да открие и возила што биле подготвувани за извршување убиство на припадници од спротивставените криминални кланови во Црна Гора. Во 2017 година во Подгорица бил пронајден автомобил од марката „ауди А3“, за кој постои сомневање дека бил наменет за убиство на лице што е блиско на Шкаљарскиот клан.

Лани биле регистрирани 34 кривични дела што се однесувале на кражба на моторни возила, а до октомври годинава биле регистрирани 15 случаи. Од полицијата нагласуваат дека само во неколку случаи не биле пронајдени украдените возила.

Во Црна Гора најчесто се крадат автомобили на подрачјето на Подгорица, а најмногу се носат во Србија и во БиХ. Во меѓународната полициска акција биле пронајдени и одземени 62 возила од висока класа, кои имале милионска вредност.