Цените за странските гости во хрватските угостителски објекти се повисоки за 30 отсто

Наплатувањето исти услуги по различни цени за странските и за домашните гости во Хрватска стана разработена шема, што може да се смета
и за (полу)илегална

Ценовниците за угостителските услуги во рестораните и во кафулињата во Хрватска се приспособени за стандардот на добро ситуиран странец, но угостители по заклучувањето на сметката на домашните гости им одобруваат попуст од десет до 30 отсто. Во последните години, оваа практика да се одредуваат цените според националната припадност на туристите, станува сѐ пораширена, а се применува насекаде на хрватското приморје. Наплатувањето исти услуги по различни цени за странските и за домашните гости стана толку разработена шема, што може да се смета и за (полу)илегална. Кога во истиот ресторан на гостинот му се наплаќаат 90 куни за ризото, а на странецот 120, од надлежните институции се очекува да реагираат на ваквата дискриминаторска ценовна политика на угостителите.

Но, како што пишува „Слободна Далмација“, беспредметно е да се очекува дека министерствата за туризам и за економија ќе реагираат во случајот на кршењето на неколку закони. Иако и со директивите на Европскиот парламент се санкционирани двојните ценовници, може на прсти да се избројат угостителите што биле казнети за овој прекршок. Затоа, полесно е да се најде угостителски објект во кој се применуваат двојни цени. Вообичаено, пред секој ресторан или кафуле се истакнати ценовниците што се правени според можностите на странските гости и тоа од западните земји. Така, пиците чинат по 100 и повеќе куни, пивото 40, чаша вино 45, чинија ситна риба 90, две јајца со шунка 100 куни, топче сладолед 12, капучино 35 куни (едно евро се разменува за 7,34 куни). За домашните гости на самото место се одобруваат попусти од 10 до 30 отсто, во зависност од процената за материјалниот статус на гостинот.
– На домашните гости им даваме попусти за да не ги изгубиме во текот на летната сезона поради повисоките цени. На фискалната сметка го внесуваме полниот износ според ценовникот и на него плаќаме данок. Попустот за гостите е на наш товар, односно од делот на добивката, кој е во корист на домашниот гостин. Со ова сакаме да ги задржиме нашите постојани гости, а висината на попустот го одредуваме според процената и нема правила. Сите работат на таков начин, а сметководителите ни велат дека тоа не е против законите – вели еден угостител од Макарска за „Слободна Далмација“.

Стипе Кнежевиќ, угостител од Задар, вели дека не го прифаќа овој начин на работа на угостителите.
– Не знам како го прават тоа низ фискалната каса. Не може иста услуга да се наплатува по различни цени. Доколку има попуст во одреден период во денот тој мора да биде ист за сите гости. Тоа е антиреклама за нашето угостителство. Јас не го правам ова и по цена на помал промет. Тоа е мамење и деградирање на странците и ова треба да се забрани – вели тој.
Казните за правните лица за неистакнување на цените со попуст изнесуваат од 10 до 100 илјади куни, а за непочитување на угостителските прописи во надлежност на Туристичката инспекција казните се од три до 50 илјади куни. Со ниеден закон не е предвидено одобрување попусти според националната основа затоа што станува збор за чиста дискриминација. На угостителот му се дава можноста во текот на денот да дава попуст на некои услуги, но тие да важат за сите гости еднакво, пишува „Слободна Далмација“.