На повеќето од српските потрошувачи не им е познато дека домашните трговци и пекари им продаваат топол леб и печива што во Србија пристигнуваат со шлепери

Србија последните години го удвои увозот на леб и пекарски производи, а лани на српскиот пазар се внесени околу шест илјади тони „свеж“ леб, печива и тост, во вредност од 6,8 милиони евра. Во 2018 година биле увезени пекарски производи во вредност од 3,1 милиони евра. Векните замрзнат леб најмногу пристигнувале од Романија, Германија, Бугарија и од Хрватска, каде што по нејзиниот влез во Европската Унија, увозот на леб е драстично зголемен. Практично, секоја петта векна леб на хрватскиот пазар пристигнала од увоз, пишува белградска „Политика“.

На повеќето од српските потрошувачи не им е познато дека домашните трговци и пекари им продаваат топол леб и печива што во Србија пристигнуваат со шлепери, а кои претходно се приготвени и замрзнати некаде во соседните земји. На српските пекари им преостанува само да ги испечат приготвеното тесто и пекарските производи да ги продаваат како свежи. „Политика“ ја пренесува информацијата за тоа дека на социјалните мрежи може да се најдат голем број огласи за продажба на замрзнат леб и печиво од различни видови брашно. Во овој бизнис преовладуваат Кинезите, кои, освен полуготови производи, нудат и опрема и веќе приготвена содржина од брашно и адитиви за каков било вид леб. Цените се различни, но условот е нарачката да не биде помала од еден бродски контејнер – дневно. Познавачите на пекарскиот пазар објаснуваат дека парбејкинг-технологијата (печивата делумно се печени, а потоа брзо замрзнати и подготвени за долг транспорт) сѐ повеќе го заменува традиционалното пекарство.

Ваквиот начин на производство ги намалува трошоците и го зголемува асортиманот на пекарските производи, а најголеми купувачи се големите трговски синџири. Така, домашните пекарски фирми немаат потреба да вработуваат висококвалификувани работници. Секој од вработените може да биде оспособен веќе приготвеното печиво или леб да го испече и да го постави на полиците. За тоа пекарниците немаат потреба да поседуваат и дополнителната опрема за приготвување на тестото.

Технолозите велат дека овој допечен леб не може да се спореди со вкусот на домашниот леб. Увезениот леб содржи адитиви и квасец во поголемо количество за да се одржи континуираниот стандард, односно волуменот и текстурата…

Во текстот на „Политика“ се наведени и статистички податоци за 2016 година, кога глобалниот извоз на леб и пекарски производи вредел околу 30 милијарди долари. Годишната стапка на раст на овој сектор е околу пет отсто. До 2007 година најголеми доставувачи биле Мексико, Холандија и Америка, а најголеми увозници на смрзнат леб се САД, Велика Британија, Франција и Германија, кои увезуваат третина од вкупно произведените количества. Од Европа оваа дејност најмногу се развива во Полска, поради креативноста на полските пекари, за производство на различни видови леб, тие успеале да се пробијат на надворешните пазари, главно во пограничните подрачја со Германија и со Чешка.