Обвинителот на приштинското Основно обвинителство Ибрахим Бериша потврди дека осомничениот за убиството што се случи претпладнево во Агенцијата за разузнавање на Косово (АКИ) е уапсен, јави дописникот на МИА од Приштина.

– Се случи денеска, лицето кое беше рането почина. Имаме еден осомничен кој е уапсен, а кој се наоѓаше на местото на настанот – изјави обвинителот за приштинските медиуми.

Неофицијално се дознава дека осомничен за убиството е 40-годишниот Ваљон Ибердемај, член на агенциското обезбедување.

Со соопштение до повод убиството се огласи и АКИ, кое информира дека жртвата бил вработен во бифето на Агенцијата и им подлегнал на раните во приштинската болница.

– Денеска, на 04.09.2018, околу 09:10 часот, во објектот на Агенцијата за разузнавање на Косово се случи пукање со огнено оружје, при што службеник во внатрешното обезбедување пукаше во вработен во бифето, кој почина во Универзитетскиот клинички центар на Косово – соопшти АКИ.

Во соопштението се нагласува дека случајот не е поврзан со активностите на Агенцијата за разузнавање.