Аферата со оружје во која е вклучен таткото на министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, ќе добие судска разврска против Александар Обрадовиќ, работник во фабриката „Крушик“, кој ќе одговара за откривање деловна тајна. Овој случај ја разбранува политичката јавност во Србија, а од опозициските партии излегоа со обвинувања дека владејачката структура воведува „диктатура“, преку приведувањето на свиркачот што ги доставил сознанијата за трговија со оружје во кој се вклучени лица блиски на актуелната власт. Деновиве се одржаа и протести на кои се побара ослободување од обвинението за кое се сомничи работникот во фабриката за наменска индустрија „Крушик“ во Ваљево.

Неговиот адвокат Владимир Гајиќ, во изјава за „Данас“, смета дека овој случај од правен аспект е апсурден и дека апсењето е политички мотивирано.
– Тие го претворија свиркачот во осомничено лице што нанело штета со откривање деловна тајна. Всушност, тој ја откри штетата што ја трпи фирмата со дејствувањето на таткото на министерот Стефановиќ. Наместо да биде награден тој се наоѓа во притвор – истакнува Гајиќ.

Едномесечниот притвор за Обрадовиќ наскоро истекува и не е сигурно дали тој ќе биде пуштен на слобода. Како што информираат српските медиуми, со договорот за извоз на светлечки и димни мини за Саудиска Арабија била направена штета за фирмата, поради тоа што мините биле купувани за 3,5 долари за парче, а биле продавани за 18,5 долари.

Адвокатот Родољуб Шабиќ смета дека овој случај е предупредување за сите евентуални свиркачи, кои би сакале да откриваат некои факти за незаконски дела, злоупотреба на положба или корупција.
Директорот на Центарот за истражувачко новинарство (ЦИНС), Бранко Чечен, ги нагласува улогата на БИА и отсуството на истрага за давање повластени цени за таткото на министерот за внатрешни работи.

– Апсењето на новинарскиот извор и на свиркачот е недемократски чин, а правниците ќе го сметаат за противзаконско. Ова е застрашување на граѓаните и злоупотреба на судството. Сите новинари мораат да се огласат во име на своите извори за информирање. Тоа е наша морална и етичка обврска – вели Чечен.
Поранешниот повереник за информации од јавен карактер потсетува дека Законот за тајност на податоците и Законот за стопански друштва предвидуваат дека таен податок не може да биде податок со кој се прикрива извршување кривично дело, злоупотреба или сл.

Програмскиот директор на „Транспарентност Србија“, Немања Ненадиќ, смета дека судбината на евентуалната кривична постапка против свиркачот од „Крушик“ за откривање деловна тајна зависи од тоа дали податокот што им го дал на новинарите воопшто имал статус на „деловна тајна“ и дали објавената информација требало да биде прогласена за тајна.

– Доколку во овој случај тајноста е одредена за да се прикрие дејствувањето што му нанесува штета на државното претпријатие, тогаш тоа не би требало да биде основа за кривично гонење на свиркачот – објаснува Ненадиќ.