Поранешниот командант на ОВК, Салих Мустафа, е уапсен на Косово и префрлен во притвор на посебниот суд во Хаг, задолжен за судење за воените злосторства извршени на Косово во текот на борбата за независност, објави судот во четвртокот.
Мустафа е еден од основачите на ОВК и тамошен шеф на разузнавачките служби. Во потврденото обвинение против Мустафа, кое е објавено по неговото апсење, се тврди дека кривичните дела, како противправно лишување од слобода, сурово постапување и мачење, се извршени над најмалку шест лица во април 1999 година, како и убиство на најмалку едно лице во истиот месец таа година.
Во обвинението против Мустафа е наведено дека тој се „товари според различни форми на кривична одговорност за противправно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и убиство како воени злосторства извршени во контекст на оружениот судир на Косово што немаше меѓународен карактер и во врска со тој судир“.
Тој водел служба што управувала со затворот и местото за испитување каде што затворениците биле претепувани, мачени, меѓу другото и со електрошокови и врз нив било уринирано. Мустафа не само што го надгледувал ова насилство туку и лично учествувал во претепувањето, а за еден затвореник утврдил дека е шпион, по што тој бил убиен, стои во обвинението.